Thursday, May 5, 2011

Концерт во чест на Тоше

На 05 октомври 2008 година, на Градскиот стадион во Скопје се одржа хуманитарен концерт, во чест на најголемата балканска ѕвезда - Тоше. Избран беше овај датум, бидејќи на 05 октомври 2007 година, исто така на Градскиот стадион Тоше одржа еден од најголемите хуманитарни концерти до сега. Неговата желба беше пак наредната година да го наполни Градскиот стадион, па во таа чест беше одржан овој концерт, кој се претпоставува дека ќе премине во традиција. На концертот под мотото: „Тоше - те сакаме сите“ настапија голем број на музички ѕвезди, меѓу кои и Калиопи, Гоца Тржан, Тони Цетински, Руслана и други.

Победа на Евровизија


На 13 април 2003 година, Тоше Проески победи на првата Беовизија (фестивал на кој од 2004 година се избира српско-црногорскиот, а од 2007 само српскиот претставник на Евровизија). Тоше на Беовизија настапи со песната Чија си, на авторскиот тандем Леонтина Вукомановиќ и Жељко Јоксимовиќ, која на крајот имаше вкупно 75 поени, што беше дури за 29 гласа повеќе од второпласираната композиција.
Значењето на победата на Тоше беше голема пресвртница и значаен момент во неговата кариера, особено поради тоа што на фестивалот настапија мошне популарни екс-југословенски ѕвезди, а во стручното жири членуваа истакнати музички дејци. Искачувајќи се на сцената, уште еднаш да ја отпее победничката песна, Тоше Проески не пропушти прилика да ја спомне својата земја, истакнувајќи дека би било убаво доколку Македонија или СЦГ во 2005 ја организираат Евровизија.
Песната Чија си стана еден од најголемите хитови што Тоше ги испеа во целокупната кариера, песна која заедно со Тајно моја ја лансираше македонската мегаѕвезда директно во редот на најпопуларните изведувачи кај нашиот северен сосед и пошироко.
Тодор „Тоше“ Проески (25 јануари 1981 - 16 октомври 2007) беше познат македонски пејач и една од најголемите ѕвезди на балканската музичка сцена, каде што е доживуван како заштитен знак на Македонија. Музичката кариера ја започнува со настапот на прилепскиот фестивал Мелфест во 1997, каде што и победува изведувајќи ја песната Yesterday од Битлси. Патот кон ѕвездите му го отвораат песните Пушти ме (1997) и Остани до крај (1998). Има блиска соработка со Џеф Бек, Григор Копров, Жељко Јоксимовиќ, Леонтина Вукомановиќ, Марина Туцаковиќ, Бора Ѓорѓевиќ, Миро Буљан, Антонија Шола, Тони Цетински, Phoebus, Ања Рупел и голем број на други влијателни балкански и светски музичари и композитори. Се смета дека подемот во неговата кариера започнува по изведбата на песната Твоите бакнежи на моите бели кошули на Скопскиот фестивал во 1999 година. Во меѓувреме Тоше станува дел од продуцентската куќа Авалон, каде што останува се до истекувањето на неговиот договор во април 2002. Во 2004 година е прогласен за Амбасадор на Добрата Волја на УНИЦЕФ. Негов заштитен знак е познатиот израз Ве сакам сите.
Умира на 16 октомври 2007 во сообраќајна несреќа во Хрватска. Постхумно е прогласен за заслужен граѓанин на Македонија. Денот на неговиот погреб, 17 октомври, беше прогласен за Ден на Национална Жалост